Две задолжници во вкупна вредност од 24 милиони денари досега се издадени од стартувањето на овој нов инструмент за гарантирање на наплатата меѓу фирмите на први септември. Владата и во Централниот регистар, институција надлежна за задолжницата, очекуваат дека таа ќе заживее и дека бизнис-заедницата ќе ја користи. Само неколку дена по официјалниот почеток на користење на инструментот задолжница веќе се издадени првите две задолжници во износ од 24 милиони денари. Се работи за две задолжници во кои должниците и доверителите се договориле да биде издаден инструментот кој ќе овозможи сигурност за доверителот дека ќе ги наплати побарувањата. Тој истакна дека задолжницата ќе остане инструмент кој ќе ги гарантира само побарувањата на компаниите и нема да ги вклучи обврските на државата кон нив, зашто, како што рече, дизајнирана е на барање на бизнис-заедницата, а таа е конципирана како и во другите земји каде што ја има.
Две задолжници во вкупна вредност од 24 милиони денари досега се издадени од стартувањето на овој нов инструмент за гарантирање на наплатата меѓу фирмите на први септември. Владата и во Централниот регистар, институција надлежна за задолжницата, очекуваат дека таа ќе заживее и дека бизнис-заедницата ќе ја користи.
- Само неколку дена по официјалниот почеток на користење на инструментот задолжница веќе се издадени првите две задолжници во износ од 24 милиони денари. Се работи за две задолжници во кои должниците и доверителите се договориле да биде издаден инструментот кој ќе овозможи сигурност за доверителот дека ќе ги наплати побарувањата - рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Тој истакна дека задолжницата ќе остане инструмент кој ќе ги гарантира само побарувањата на компаниите и нема да ги вклучи обврските на државата кон нив, зашто, како што рече, дизајнирана е на барање на бизнис-заедницата, а таа е конципирана како и во другите земји каде што ја има.
- Една од предностите е тоа што ова е едноставен инструмент, бидејќи токму на барање на стопанствениците ги поедноставивме сите услови за процедурата што е потребна за да се потпише овој инструмент и да се реализира доколку има потреба за тоа. Предност е што на тој начин ќе се избегнат долготрајните судски постапки, како и трошоците што се поврзани со тие судски постапки и ќе може на многу побрз начин да се реализираат доколку е потребно да се ефектуира таа задолжница - истакна Ставрески.
Директорот на Централниот регистар, Ванчо Костадиновски, потенцира дека издавањето на првите задолжници во првите десет дена од воведување упатува на тоа дека ова е добар инструмент кој ќе биде прифатен од бизнис-заедницата и ќе има значајна улога во подобрување на ликвидноста на претпријатијата. Според него, постојат сите предуслови таа да стане ефикасен инструмент за наплата на побарувањата меѓу фирмите.
Задолжницата е документ кој фирмите кои склучуваат зделка го заверуваат кај нотар, кој пак е електронски поврзан со Централниот регистар каде шо се евидентира таа. Со неа должникот се обврзува навреме да го исплати долгот кон доверителот. Задолжницата е и извршна исправа, па ако должникот не го плати долгот, доверителот има право да си ги повлече парите од неговата сметка, како и од неговиот имот.
Задолжница не можат да издаваат единствено фирмите со блокирани сметки. Според последната евиденција на Народната банка на Македонија блокирани сметки имаат над 37 илјади или речиси половина од фирмите во државата. Според Ставрески овие бројки кои се однесуваат на минатиот месец покажуваат тренд на намалување на бројот на блокирани фирми, а прашањето за ликвидноста на македонските компании е долгогодишен проблем, додека европската криза е клучната причина за проблемите на македонското стопанство.
- Ние работиме на расчистување на базата на податоци на блокираните фирми, за да видиме колку од нив постојат, а колку се згаснати од нивните основачи, па немаат вработени и немаат намера да работат. Набрзо ќе понудиме некакво решение, ќе се обидеме да најдеме решение како многу од тие фирми да се избришат од регистарот - вели Ставрески.